Синоќа во храмот Св. Петка се одржа еден од највпечатливите концерти оваа година, на кој прилепската публика имаше несекојдневна и ексклузивна можност да ужива во феноменалниот настап на нашиот “Чекеле” (Џанфранко) – Стефан Неданоски. Со изведби на арии од Verdi, Wagner, Leoncavallo, познатата Nessun Dorma од Puccini, како и арија од Вердиевата Otello – која не била изведувана на македонската сцена повеќе од 25 години – Стефан ги воодушеви присутните.
Во прекрасниот амбиент на храмот Св. Петка, каде извонредната акустика ги правеше ариите уште повеличествени, Стефан со своето пеење ја подигна публиката кон духовните видочини, изнудувајќи громогласни и долготрајни аплаузи. Концертот беше уште еден доказ за неразделната врска помеѓу верата и уметноста – силен пример како уметничкото творештво, особено музиката, може да служи како средство за духовно воздигнување.
Во знак на благодарност, старешината на храмот, протоереј Љупче Петрески на уметниците им подари рачно изработени врамени крстови во филигран техника од срмен конец. Крстовите ги изработи и донира нашата сограѓанка Моника Јанеска.
Храмот Св. Петка со овие концерти се стреми да понуди една поинаква алтернатива од она што ни се нуди во нашето опкружување односно општество, нудејќи можност за духовно и културно збогатување, што особено го ценат прилепските верници и граѓани. Овој концерт не беше само музички настап, туку и вистинска мисија на духовна и уметничка синергија, која го издигнува духот и срцето на сите присутни.
Со благодарност до Стефан Неданоски и почитуваната професорка од Парма, Клаудија Рондели, како и до сите што беа дел од ова исклучително вечерно доживување, продолжуваме да го негуваме духот на верата и уметноста во нашиот храм.
Фотогалерија
Видео галерија
Source: Text and Photos FB Page ‘Храм Св. Петка Прилеп